Katica Kulavkova (Катица Ќулавкова)
ОДБРАНИ СРЕДСТВА
ОДБРАНИ СРЕДСТВА
Тој ден не беше сончев.
Ништо не ја прекина ноќта
која му претходеше.
Па сепак во собата се насетуваше
она што се вика пладне.
Телефонот можеше секој миг да заѕвони.
Миг кој се одлага извесно време.
Тишината ги менува сцените
ако потрае долго.
Доволно долго за да се премисли
оној кој чека.
На хартијата останува недовршена смислата.
Поривите скршнуваат во непознат правец.
Соколот губи здив. Погачата се крши.
Стаклото прска. Патот се разлева.
Крвта никогаш не е обична.
Во предност се оние кои не се изјаснуваат.
Изразните средства се бираат
да се сочува чувството за слобода
до крај.
„Маркизата излезе во 5 часот“*.
Веќе нема сомнение дека исказот е лирски.
Сè се случува во исто време, меѓувреме.
Во еден друг град маркизот ги спушта завесите
и се соблекува. Љубовницата нема право
да остава траги врз предметите.
Телото е нешто друго.
Меморија.
Можеби се двоуми, но
и покрај сè
го вади клучот.
Го склопува окцето.
Го дели времето.
Без задоволство.
Точно во пет часот попладне.
*Aluzija na iskazot i teoriskite pogledi na Pol Valeri za prozniot govor.