Eftim Kletnikov (Ефтим Клетников)
РИБА
РИБА
На Радмила и Владо Светиеви
Ги остревме ножевите,
и ја распаравме утробата.
Ние не му обрнувавме внимание,
но од длабочините, како поплава,
очајно се креваше крикот
на Морскиот Бог.
Под водозасводените кубиња
во олтарот на црквата, таа ноќ
стоеја положени прстените
за невенчаните риби - невести.
Низ нив дуваше силно
како низ пукнатина на соѕвездијата
и почнуваше столетен дожд.
И ангелот од ѕидот, несигурен,
слегуваше ниско крај морињата:
го менуваше пред потопот
небеското - за рибно око,
крилото - за крлушки и перки.
И ние, стуткани на дното од мислата,
палевме оган
и му принесувавме молитва
на рибиното божество.