Eftim Kletnikov (Ефтим Клетников)
РАЗГОВОР СО ХЕЛДЕРЛИН
РАЗГОВОР СО ХЕЛДЕРЛИН
Кај исчезнаа стапките
на боговите и јунаците?
Понегде сè уште ќе препознаеме
траги на светото:
од петицата на некој древен бог
се крева дорско дрво
во чија крошна блика извор
и седи млада жена
испружена на сонце.
Но само за миг.
Несвикнати на него,
напукнала стапката на светото
и сега не знаеме
на кое место е здраво и восхитено
нашето тело,
а на кое е рането,
без ружа и без пламен.
Удира празно бранот во брегот
и се повлекува.
Одамна е склопена
Книгата на Постанокот.
Нема оган надвор од неа.
Мемла ги разјадува
темелите на царството
и непцата на боговите.
Нема кој да прославува.
Се ниша како темен крик
лавровото гранче
над челото-урнатина
на боговите и јунаците.