Mateja Matevski (Матеја Матевски)
ТЕМЕН КРУГ ОД МАГЛИ
ТЕМЕН КРУГ ОД МАГЛИ
Во бел ден ми ги населивте очите
со мрак и невиделина
Но не сум седало на таа болка
и не сум ветар да ве развеам во ништо
Во мене лежи цвет со беспомошни бои
што залудно се крева кон латиците на сонцето
не знаејќи да распука пред тоа жолто видело
штом не ја знае цврстината
на темната почва на мракот
И така занишан кротко пред концентричните простори
од магли што ме обвиваат посеав само за една
безброј прашалници во ветерот и мракот
што сега ми ги подјадува
бавната стоногалка на молчењето
Сите магли на есента ги запознав и сфатив
но тебе сал не можам да те фатам и разберам
Лежиш пред мене како земјата пред орање
но јас не знам пелин ли какол ли
ќе ми расцути на пролет
И од таа мисла без нужната страст на орачот пред сеење
се кревам од тебе магло со мрак што ме населуваш
Зашто сакам да знам што си и зошто се ронам пред тебе
како пред стариот жртвеник на вековите
пред кој не знам колку пати пепел сум се сторил
безразложно и слатко
Ти знаеш и убав насмев да ми пратиш
но како да го сфатам како да го фатам
како да го изболувам тоа твое молчење
Мене ми треба збор со кој ќе кажам барем што има
во ова тело што како маглава ме обвива и исполнува сиот
Но штом ги отворам очите веќе изветреало сè
Се изјаснува небото и маглите ги нижат
последните ѓердани врз грлата на дрвјата
а јас сум слеп и излажан на улица
гол како при раѓањето и глуп како при смртта
Дрво сум со јамка од маглите околу вратот.