Nikola Madzirov (Никола Маџиров)
НЕ ЗНАМ
НЕ ЗНАМ
Далечни се сите куќи што ги сонувам,
далечни се гласовите на мајка ми што на
вечера ме повикува, а јас трчам кон полињата со жито.
Далечни сме ние како топка што го промашува голот
и оди кон небото, живи сме
како термометар кој е точен само тогаш кога
ќе погледнеме кон него.
Далечната стварност секој ден ме испрашува
како непознат патник што ме буди на половина пат
со прашање „Тој ли е автобусот“,
а јас му велам „Да“, но мислам „Не знам“,
не знам каде се градовите на твоите дедовци
што сакаат да ги напуштат сите откриени болести
и молитвите.
Сонувам за куќа на ридот од нашите копнежи,
да гледам како брановите на морето го исцртуваат
кардиограмот на нашите падови и љубови,
како луѓето веруваат за да не потонат
и чекорат за да не бидат заборавени.
Далечни се сите колиби во кои се криевме од дождот
и од болката на срните што умираа пред очите на ловците
кои беа повеќе осамени, отколку гладни.
Далечниот миг секој ден ми поставува прашање
„Тој ли е прозорецот? Тој ли е животот?“, а јас му велам
„Да“, а всушност „Не знам“, не знам кога
птиците ќе прозборат, а да не кажат „Небо“.