Zoran Anchevski (Зоран Анчевски)
ИСЕЛЕНИЧКА
ИСЕЛЕНИЧКА
Зарем не ни е доволна оваа кожа
што природно по потреба
самите си ја преслекуваме
па акаме како голтари—
по светот скитаме
болни од полиглосија
занемени од Вавилонски вирус
—циркус
Го забораваме вкусот
на млекото мајчино
и породилните маки
на првиот ни збор
И што ако сме тогаш сигурни
за праизворот на делтата
кога течението ни станува сè—
и извор и утока и утеха
возбуда и нуркање во смислата што ни бега
—заблуда
Обезличени
си ги бараме стапалките
ехо на нашата смеа и сиромаштија
плач и богатство
та катаден длабиме ровови
—гробови
што времето ни ги трупа
и со остри копја враќањето ни го оспорува