Mateja Matevski (Матеја Матевски)
ЕЗЕPО
ЕЗЕPО
Ти си ми тоа езеро. Тој цвет од води и небо
длапко во снагата на полето птицо во прегработ на ридот
Ти ли си тоа старо тоа сонце тој збор
од брег до брег од бран до бран што ми иде
Те барам долго езеро но каде си ми ти
во окото на бранот во грлото на каменот
притаена роса врз дланката на планините
глас одамна изговорен во пепелта на водите
Ти езеро си стројно сјајно крзно од куна
волчи заб лист од јасика блеење на ѕвона
ти езеро си починка и буна во триста руна
кога со снагата од дуња ќе те оплоди она
Но никогаш не си ми тука ти карпо растопена
од окото на сонцето од издивот на ветерот
ти живо сребро на незбиднатите лета
ти окосено сено ти булко ти цветање од пена
Ти си ми езеро икона одамна што се роди
од палетата на сонцето од усните на некој монах
ти војник седумгодишен ти печалба си гробна
ти невеста ти чекање ти вечно венење во нас
Ти си ми тоа езеро. Ти си ми тоа сега.
Легната во тревите во цветот врз карпата чедна
но бранот твој е птица без сенката што лета
и веќе сè е пена и божило и ветар
И секогаш си езеро. Тука си а вечно те нема
со еден брег со круг со обрач очите што ми ги стега
врз еден врв во едно дно во една грмушка
од која ѕверката тајна постојано ми бега
Ти си ми тоа езеро. Таа убавина и жена.
Песочно пладне. Јарбол со заборавени крила.
Мислам дека си присутно. Но брегот полн е со пена
како да не си езеро како да не си ни била.
А сепак ти си езеро издлабена таго во поле
преграбу на ридовите сонце постојано само
со еден брег со еден обрач со само еден поглед
кон себеси загледано како каменот како пламенот.