Nataša Sardžoska (Наташа Сарџоска)
ЉУБОВНИЦИ
ЉУБОВНИЦИ
L'amour est une infidélité envers soi-même
Stéphane Mallarmé
дојди
сослушај ме
собери ги остатоците од мене што преживеале
и секоја мугра кога преживувам за да ти кажам токму тие ме обновуваат
оживеј ме
згази ги секојдневните обврски
прејди ги булеварите и саваните
до островот на месојадните цвеќиња донеси ме
зовриј ја мојата крв што те повикува
дај ми докази за инаков живот
кристални тишини длабоко во морето што тонат
зад портите затворени пристаниште ќе најдеме
во светлина за двајца ќе го претвориме
ама нема
нема тло за тебе
нема ни да има
дур бегаш од себе
нема ни осој што ќе те скрие од твојата светлина
ни сјај што ќе те огрее од твојата лага
нема тага
нема е и суровоста
немо и го прегрнуваме животот
и сказалките ќе се поклопат
и јазикот ќе се замелуши
и зборовите ќе свенат на празната трпеза
ќе се сведеме на тишина
тишината на изборот пред кој не се бега.