Zoran Anchevski (Зоран Анчевски)
НА ЗАМИНУВАЊЕ
НА ЗАМИНУВАЊЕ
Време е
да си ги стокмам сите свои години
(внимателно да ги сложам да не се измешаат)
да ја осигурам куќата од далечни несреќи
да ги зберам сите планини и утоки
да ги здиплам лажните граници
(знаците да ги запомнам и уништам)
за некаде—во некое друго време
пак да ја составам својата лична карта
Решително тргнувам
а не знам во чиј сон е сместено ова патување
Се прашувам: што е животецов
ако не е болно поаѓање во непознатото
отаде залезот и божилакот
надвор од границите на свеста и знаењето
кон тајната на она што не сме
во сонот на врнежливите ѕвезди
од каде ветриштата
ни носат
нови острови
ненаселени како клетки