Nataša Sardžoska (Наташа Сарџоска)
КРАЈМОРЈЕ
КРАЈМОРЈЕ
има еден предел,
далеку од тебе
далеку во нашата бездна
каде што се губат сите ветришта
каде што се збунуваат сите патеки
дали можеш да го жртвуваш
просторот на твојот пораз за да дишеш
за да се ослободиш од сопствената лага
и да тлееш во оние заумни подрачја на тишината
велиш мислиш на иднината
а не знаеш каде да одиш на ручек
во ова просто време сегашно.
има еден предел
по него ти не чекориш
таму се коваат високите одговори
кои ги бараш а не сакаш да ги најдеш
таму љубов водат црвени карпи со модри длабочини
ветришта диви компас кршат
бели платна на едреници се креваат
таму да ја одредиш својата насока сакаш
и покорно молиш
прангите да ти се слеат
во течно железо алово
во спокоен кислород живототворен
во бујна мугра зелена
има еден предел
кој те обновува
кој повторно те раѓа
кој те обликува и те повикува
таму ветерници го мелат твоето одамна свршено време
таму ветришта го плетат твоето идно време
таму буревесници го ткаат патеписот на твојот лет
а ти сал молчиш крадешкум
а ти сал чекаш молкум
а ти сал демнеш ничкум
и да се одвоиш не сакаш
далеку над себе.