Bogomil Gjuzel (Богомил Ѓузел)
ЈУДА ИСКАРИОТСКИ
ЈУДА ИСКАРИОТСКИ
Зар јас сум само Предавникот
ако сум Јуда, единствениот „из Кариота“?
Како самиот Исус да не беше доволно прокажан
за да го издвојат на Маслиновата Гора и без мојот бакнеж.
Јас барем го бакнав (единствено кога ми дозволи Тој)
пред некој од другите ученици да го покаже со прст,
јас барем самиот му се придружив во смртта,
а тие преживеаја за да се крстат и покрстуваат со бакнеж во распетието...
На душа ми останаа само оние триесет сребреници
и проклетството што евтино сум го продал (и Него и себе)
но што е со сите оние мои следбеници и наследници
што се продадоа џабе и дури потплатуваа други
да си го продадат „Учителот“ (и „учениците“ меѓу себе)
дури и кога лично не го ни познаваа (а не пак со бакнеж)
дури и кога „Тој“ не беше ни ги видел ни чул за нив...
Отгогаш лесно е да станеш предавник – стига да најдеш човек
што е достоен за да го предадеш за пристојна цена,
денес, пак, сите се (пре)продаваат меѓу себе за штогоде
а нема вистински Исус и Јуда – ни во сиот свет ни од Кариот