Mateja Matevski (Матеја Матевски)
ДОЖДОВИ. 1. Страв
ДОЖДОВИ. 1. Страв
Пристигаат троми пристигаат уморените коњи на просторот
тој далечен и наслутен шум на заборавениот говор
Тропаат беспрекин сами пред затворените прозорци
изгубено тропаат со нозете тапи без поткови
ти земјо по тебе лизгава и масна земјо мирна
тропаат темно измешани
Каде пред оваа маса пред овој памучен
хоризонт без линии
пред ова темно месо на земјата и ноќта
измешано длабоко месо и густо наеднаш
поплава на очите и на просторите смрт
Каде о каде ти јас ти море шумно и бескрајно
ти монотоно
поле хоризонтално уморено
желно за исправено ветровито разведрување
Каде о каде
ти тесто густо на дождот и земјата
човеку јас
камену во рацете и во очите кал