Mateja Matevski (Матеја Матевски)
ДОЖДОВИ. 3. Коњи
Language: macedonian
Translations:
german (Regen. 3. Pferde)
ДОЖДОВИ. 3. Коњи
Пристигаат троми пристигаат уморените коњи на просторот
(дождови бледи беспатни и неми)
пред јаслите на моите дланови на прозорот
Храно велам хранете се испотени
и влажни од топлата пареа што се цеди
од колковите на ноќта
Игриво зањискајте да вриснеш
скокни ти птицо со заборавените крила
козјонога танчарко кобило преуморена
преку овој прозорец да скокнеме
заедно и во него пак
и секогаш без запирање
по сенестата ведрина на просторот