Nikolina Andova Shopova (Николина Андова Шопова)
Запирки
Sprache: mazedonisch
Übersetzungen:
englisch (Commas), französisch (Apostrophes)
Запирки
Пронајдов фотографија во подрумот
од местото на мојата куќа
пред да биде изградена
кога била само скица
во рацете на архитектите
И знам приближно од кога ја има
годината кога е изградена
е замачкана во бетонот во еден агол на дворот
но не знам колку време претходно
ја немало
и пред да постојат
џбуновите тревите и небото
што избледуваа на фотографијата
Дали непостоењето e подолго
од постоењето
и колку е старо ништото
Од прашината што се крена
од фотографијата
како запирки во воздухот
се закашлав