Katica Kulavkova (Катица Ќулавкова)
ТИГРИТЕ, ЛЕОПАРДИТЕ, ЛАВОВИТЕ
ТИГРИТЕ, ЛЕОПАРДИТЕ, ЛАВОВИТЕ
„Тие ѕверки ги напаѓаат само оние кои се
плашат од нив или од коишто се плашат тие...“
Елифас Леви, Магијата на магите, Градец 63 (1985)
По кралските градини на Асирија
шетале меланхолично, шетале благосклоно
тигрите, леопардите, лавовите.
Во порфирните одаи, библиотеките
и зигуратите молкома копнееле
не ревеле, не блуделе, не ловеле
ни ноќе, ни дење
не биле опасни, ни слободни
па сепак живееле!
Што ги омајало, што ги магепсало
та станале милозливи и кротки
мачките, покорни само кога љубат?
Ни чуварите, ни дворјанките
нити сите кралеви не, магите само
ѕвездочатци ја знаеле тајната
за нивната неприродна кроткост.
Од видовитост опседнати
по саноќ страхувале
да не би Небото да ги изневери луѓето
да не им го одземе од очите фасцинантниот
сјај, астралниот отсјај пред којшто
горостасните суштества отстапувале
со извесна нежност
по крв жедни, од крвта се откажувале,
да не би да го заборават
тигрите, леопардите, лавовите
времето кога со љубов биле гледани
и егзалтирани
о, да не би да престане дејството
на космичкиот искон - хипнозата
да не би да е смртна Светлоста
нивната душа, нашата!