Liljana Dirjan (Лилјана Дирјан)
ЛАМЈАТА НА СВЕТИ ЃОРГИЈА
ЛАМЈАТА НА СВЕТИ ЃОРГИЈА
На Г. Чемерски
Јас сум таа ламја
со седум глави и безброј нозе
што го споулавувам твојот коњ
па фрла пена и бес, фаќа џенем
додека ти така наконтен, со наметка, панцир и
сабја
ми доаѓаш во пресрет
голем јунак си, на глас
убав си
строен и
млад
коњот го збоднуваш, `ржи тој до небеса
те гледам онака спружена одоздола
со седум погледи те опфаќам
и од сите страни си, совршен
еднакво убав
строен и
млад
Кога би знаел да гледаш наоколу
кога би ја видел пролетта, водата во изворот
црцорот, бојата на пладнето
кога би знаел од коњ да се симнеш
поинаква би била
Но, ти си јунак над јунаци
(од коњ не се симнуваш, на него јадеш, на него
спиеш)
си решил преку мене мртва во житие
а ниту еднаш право не си ме погледнал
ѕемне твоето срце, умира од страв
викаш во сон, паѓаш од коњ
во мојата прегратка
Прашај ме
имам седум приказни за кажување
седум сона сонам
седум мачкини животи
на колку ли нозе паѓам
колку оган изфрлам
колку зелено блујам
колку бисери чувам
колку за златното руно знам
колку шехерзади сокривам
кога ти, напросто, покрај мене минуваш