Liljana Dirjan (Лилјана Дирјан)
ДОМАШЕН БЛУЗ
ДОМАШЕН БЛУЗ
Меѓу
- подај ми вода
- исечи леб
- кај ми се чорапите
таа се извлече невидливо од телото
во кујната уште тропаа чиниите и лажиците
некој спомна дека јадењето не е доволно
солено
чкрипеше плакарот во другата соба
од радиото испаѓаа вести, посети, делегации
и течеше лесна музика
надвор беше жежок летен ден
таа се сврте наназад
и се зачуди колку и` била тесна соблечената
кошулка
и колку и` беше прозрачна свилата на епидермот
и тие мали дамки црвено кафени бодежи
што ја чинеа толку налик на пастрмка
се оддалечи уште малку
стаса скоро до надворешната врата
сакаше молчешкум и сите зборови
да им ги остави сосе кошулката
ама надвор ја зграпчи светлината
и и` стана жал, многу жал
што не ќе може таму каде тргна
да ги изговара гласно
имињата на боите