Bogomil Gjuzel (Богомил Ѓузел)
ПОГРЕБОТ НА ТЕТКА МИ
ПОГРЕБОТ НА ТЕТКА МИ
Пцошки октомври. Ден за погреб на годината.
Бавен, невротичен чекор и трнлив, пластичен венец,
но трњето барем навистина боцка.
Казнета од Бога во обликот маж-бекрија,
од чие тепање се поболи умот, тетка ми
за последните 40 години не беше излегла од бавчето
низа по леб до спротивната фурна.
Неколку тапи удари врз ковчегот -
Потем само сипе земјата.
Се лепи за лакираните чевли
ко иловачата од која нè замесиле.
Умре во истото варосано сопче
со неколку стари кадриња на голиот ѕид.
Куќаре обраснато во стара вегетација, но некогаш
прозрачна сончевина. Пумпата. Калдрмата.
А каде се леите со високите пченки
во кои се губев како меѓу столбови од храм?
Неколку испресечени кадри од кои
како во лошо снимен филм
не можеш да го препознаеш ни местото ни времето.
Дисконтинуитет во пејзажот што го добиваш
возејќи се со кола - пред белите, незапамтени места
да се браниш само со пцости и клетви.
Пешачките генерации, ете, изумираат.
Ние, последните пешаци, се прпелкаме само
како црви на дното од ситото.