Mateja Matevski (Матеја Матевски)
КАМЕЊА III
اللغة: المقدونية
الترجمات:
الألمانية (Steine III)
КАМЕЊА III
Co векови му пееме на убавиот камен
а тој ни се рони од пороите на стреите
од облаците на времето
Каменот што растеше под нашите раце
во вишни кули во сини чадови
Каменот што ни пееше
по шумни огради по ведри кладенци
Каменот што ни паѓа
врз бавни соништа по рамни патишта
Каменот што се трупа
по горки извори во студни бигори
Тој и’ го враќа на земјата
своето старо лице
на хармонијата чедна
на молчењето
Врз него сега ми бдее
старата месечина
старата молчаливка
глувата тажачка